Активностите кои ги презема Министерството за животна средина и просторно планирање за спроведување на GLOBE Програмата, произлегуваат од обврската преземена со нота бр. 011 од 27 јули 1998 година доставена од Соединетите Американски Држави и нота бр. 2904-8174/1 со кое Министерството за надворешни работи ја прифаќа истата. Врз основа на оваа нота на 24 август 1998 година потпишана е Спогодба меѓу Министерството за образование и физичка култура на РепубликаСеверна Македонија и Националната агенција за океани и атмосфера (НОАА) на Соединетите Американски Држави за вклучување на училишта од Република Северна Македонија во GLOBE Програмата.
Поради областите кои се опфатени во Програмата Министерството за животна средина и просторно планирање преку Македонски информативен центар за животна средина е избрана институција за координирање на истата преку Националниот координатор Катерина Николовска и заменик координаторот Ана Димишкова. Програмата се спроведува во координација со Министерството за образование, Бирото за развој на образованието и вклучените училишта.
Програмата GLOBE – Глобално учење и набљудување во полза на животната средина (https://www.globe.gov), е светска научна и образовна програма која ја координира работата на учениците и наставниците со цел да се проучува и разбере состојбата на животната средина.
GLOBE е светска мрежа на ученици од основни и средни училишта и деца од предшколска возраст, кои работат под водство на наставници кои се обучени за спроведување на GLOBE Програмата.
GLOBE Програмата беше иницирана во 1994 година од страна на американскиот потпретседател Ал Гор и официјално започна на 22 април 1995 година на 25 годишнината на Денот на Планетата Земја.
Директната имплементација на Програмата на глобално ниво е одговорност на Канцеларијата за имплементирање на Програмата GLOBE (GIO) во САД.
Главен спонзор на Програмата е НАСА (американска Национална агенција за атмосфера и вселенска асоцијација), а партнери за спроведување се Националната агенција за океани и атмосфера (НОАА), американската Национална фондација за наука и американскиот Стејт Департмент.
Во Програмата досега се вклучени следните земји (https://www.globe.gov/globe-community/community-map). Заради поедноставно управување со Програмата формирани се Регионални GLOBE канцеларии кои директно одговараат на Канцеларијата за имплементирање на Програмата GLOBE (GIO) за следните региони:
Регионалната GLOBE канцеларија за Европа и Евроазија се наоѓа во Прага и вклучува вкупно 45 земји, меѓу кои и Република Северна Македонија. Примарната улога на Регионалните GLOBE канцеларии е да обезбедат поддршка на земјите во регионот со обезбедување на следниве услуги:
GLOBE развива чувство за науката, математиката и напредната технологија меѓу младите луѓе. Учениците вршат извонредно значајна научна работа и непосредно ги гледаат резултатите од своите проучувања.
При спроведување на GLOBE Програмата учениците учат преку следење на состојбата на животната средина во областите кои ги испитуваат. Секојдневно ги доставуваат податоците преку интернет до GLOBE серверот во САД, а потоа преку алатката за визуелизација на податоците (нумерички табели, графикони и мапи) имаат можност да ги анализираат податоците и соработуваат со научниците и другите GLOBE ученици во светот. Учениците вршат директни експерименти кои имаат вистинско научно значење. Тие учат како нивните локални откритија, заедно со оние на други ученици и научници од целиот свет, ја дополнуваат сликата за животната средина на земјината топка.
Професорите вклучени во GLOBE Програмата добиваат соодветна обука преку тренинзи за новите процедури и протоколи за собирање, обработка и испраќање на податоците преку интернет до централниот сервер во САД, едукативни материјали, видеа достапни на меѓународната GLOBE страна-преку е-тренинзи, комуникација со наставници од другите земји и комуникација со научниците во целиот свет.
Наставниците во целиот свет ги упатуваат учениците како да вршат мерења, им помагаат на учениците да го разберат значењето на нивните набљудувања и ја објаснуваат важноста на глобалната свест за заштита на животната средина.
Во рамки на Програмата обучени се неколку тренери од Македонија на Меѓународни курсеви и организирани се семинари за обука на тренери во Македонија од сите училишта вклучени во Програмата.
Повеќе научни и истражувачки организации, меѓу кои Универзитетското Здружение за истражување на воздухот, Државниот Универзитет во Колорадо и НАСА се носители на активностите за реализација на Програмата. Научниците постојано работат на дополнување на Програмата со нови методи и области на истражување што налага потреба од постојани семинари за обука.
Научниците и учениците ги анализираат податоците во врска со информациите добиени од други извори. Проучувањата на животната средина во рамките на GLOBE помагаат за остварување на подобро разбирање на Земјата.
Научниците ги користат GLOBE податоците во своите истражувања и особено се задоволни од квалитетот на мерењата и податоците што ги испраќаат учениците. За да ги стимулираат учениците и наставниците во својата работа, на секое училиште што ќе достави повеќе од 500 мерења годишно, од страна на GLOBE му се доделува титулата “Почесна награда за научници”.
Нациите од целиот свет ги вклучуваат своите училишта во GLOBE со цел да ја зголемат глобалната еколошка свест и глобалното собирање на податоци. Дозволено е вклучување на јавноста (родители, научници, НВО и други заинтересирани) со статус GLOBE набљудувач. Апликацијата GLOBE Observer овозможува испраќање на податоци од лица кои не спаѓаат во училиштата GLOBE, т.е. да се вклучат граѓаните како научници.